Земјата каде е некултурно да пристигнувате навреме

Во земја која е позната по тоа што има опуштен пристап кон времето и точноста, жителите на Рио де Жанеиро се познати по тоа што секогаш доцнат.

-Појавувањето навреме на забава се смета за непријатно во било кој дел од земјата, но особено во Рио де Жанерио. Тоа е исто како да се појавите на забава, а воопшто не сте биле поканети – објаснува д-р Жаклин Бон Донада, професорка по англиска литература на Технолошкиот федерален универзитет во јужниот дел на Бразил.

Комбинацијата од ставот „Животот е плажа“ и секојдневните одложувања предизвикани од сообраќајот или едноставното налетување на стар пријател на узника значи дека „Кариокас“ (локалните жители на Рио) научиле да не очекуваат ниту да ја ценат точноста во општеството. И најдобро поставените планови често не се реализираат онака како што би требало, така што би требало да претпоставите дека и самиот домаќин на забавата ќе доцни.
-Непишаното правило е дека домаќинот чека да дојде времето кога треба да започне забавата, па тогаш започнува да размислува за туширање – објаснува Фиона Рој, преведувачка, која живеела во Рио шест години.

Бразилско-португалскиот јазик има временски специфични зборови што немаат директни преводи во нашиот јазик. Глаголот „атрасар“ може да се преведи како „да доцни“ или „да предизвика задоцнување“ додека „деморар“ е глагол што во слободен превод значи „трае подолго време“. Лицето кое е „муито енроладо/а“ (буквално „многу заплеткан/а“), најверојатно ќе биде „деморар“ или „атрасар“.

Оние кои пристигнуваат навреме пак, се придржуваат кон „хора инглеса“, што во буквален превод значи „англиско време“ – што всушност е потенцирање на важноста на точноста во многу земји во кои се зборува англиски, како Велика Британија и Америка.

Друго нешто што треба да го знаете за оваа земја и точноста и доцнењето е да не ги сфаќате луѓето сериозно. Треба да знаете дека фразата „естој чегандо“ („Доаѓам“) никогаш не треба да се сфати сериозно. Оваа фраза едноставно важи дека некој планира да се појави во одреден момент – без разлика дали тоа се пет минути или два часа. 

– Доцнењето е национална особина, но дефинитивно е поизразена во Рио отколку на друго место. Во Рио, ако некој рече „естој чегандо“, никој не го сфаќа ова сериозно. Порано имав шеф кој ќе ни се јавеше од дома велејќи дека е во сообраќаен метеж но наскоро ќе пристигне, но ние всушност можевме да слушнеме како се тушира. Во било која друга земја ова ќе ве изнервира, но во Рио е совршено прифатливо – вели Д-р Бон Донада.

Oвој пристап кон точноста не е ништо ново. Во неговата книга од 1933 година, „Бразилска авантура: патување во срцето на бразилскиот Амазон“, авторот Питер Флеминг забележал дека човек кој брза би се чувствувал мизерно во Бразил.
-Одложувањето во Бразил е клима. Живееш во него, не можеш да избегаш од него. Не можеш ништо да направиш во врска со него. Мислам дека би требало да биде извор на гордост на Бразилците тоа што поседуваат карактеристика што е апсолутно невозможно да се игнорира. Ниту една друга земја не може да се пофали со тоа – напишал Флеминг.

Симон Фонсека Марек, Бразилка која сега живее во Германија, признава дека ѝ било потребно време да се прилагоди на помалку флексибилните работни распореди на Германците.

-Еднаш пристигнав неколку минути порано за презентација во една компанија каде што штотуку започнав да работам. Имаше околу 20 луѓе кои ме чекаа мене. Иако не доцнев, се чувствував како да доцнам бидејќи сите беа подготвени и чекаа часовникот да го покаже договореното време – раскажува таа.

Како што Флеминг пишува во неговата книга, бесмислено е да се реагира на доцнењето на Бразилците со лутина, бидејќи човек не може да постигне ништо со фрустрација. Привлечноста на Рио не лежи во обидите на уредност и точност, туку релаксирачкото темпо на живеење.

-Мислам дека доцниме бидејќи сме оптимисти. Мислиме дека можеме да направиме многу работи и пак да имаме време да стигниме на состаноците – а ако не стигниме, и тоа е во ред за нас – вели Фонческа Марек.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Следете нè на Facebook!


This will close in 30 seconds

Show Buttons
Hide Buttons