Доктор Никола Пановски: Ќе фрламе вакцини, ако не се подигне свеста кај населението за вакцинацијата!

Доколку владата и Министерството за здравство не ја подигнат на највисоко ниво кампањата со која ќе се мотивираат граѓаните да се пријават да се вакцинираат, тогаш голем дел од вакцините ќе останат неискористени и ќе се фрлат, коментира за Слободен печат професор доктор Никола Пановски.

Според официјалните податоци на веб страницата за пријави за вакцинација, досега интерес за вакцинација изразиле само 218.577 граѓани, а вакцинирани се 61.603 лица.

Доктор Пановски смета дека еден од начините на кои што здравствените власти може да работат на случајот е да објавуваат компаративни анализи, колку луѓе починале во земјите каде степенот на вакцинација е висок, како на пример во Израел или Велика Британија, а колку во Македонија.

-Знам дека им е тешко да кажат дека во Македонија дневно умираат по 45 луѓе, а во Велика Британија само еден човек. Меѓутоа, тоа е само еден од начините на кои може да се подигне свесностa на населението. Треба да кажуваат како било во Израел, а како е сега по вакцинацијата. Ако не се подигне свеста кај населението, да, ќе се фрлаат вакцини. Секој треба да прими две дози. Мислам дека има млади луѓе што досега не се пријавуваа на сајтот за вакцинација зашто знаеjа дека нема вакцини и нема да ги викнат. Очекувам и се надевам дека ќе почнат да се пријавуваат. Треба да се почне со засилена кампања. Да кажуваат и дека никој не останал неплоден поради вакцините, смета професор доктор Пановски.

Тој за Слободен печат додава дека мерките што се олабавуваат од среда, односно намалувањето на времетраењето на полицискиот час и зголемувањето на работното време на кафулињата, може да претставува ризик доколку граѓаните, особено младите лица, не се придржуваат на тоа да одржуваат растојание.

– Тоа и сега е ризик. Кога ги гледате на колку мало растојание се во кафулињата, ви станува јасно дека тие се однесуваат како што се навикнати пред пандемијата. Мерките ќе бидат преуранети, ако не се почитуvаат. Се надевам дека граѓаните поголемиот дел од времето ќе го поминуваат на отворено, без групирања, додава доктор Пановски.

Денеска почнува масовната имунизација во Македонија во повеќе градови со 200 илјади дози од кинескиот производител „Синофарм“ и тоа во Скопје, Кавадарци, Битола, Штип, Охрид и Куманово. Во разговор за Тв 24, Жаклина Чагоровска од „Мој Термин“, рече дека сите пријавени граѓани се очекува да бидат повикани за имунизација во наредните 15 дена.
Од системот на солидарност на Европската Унија, во земјава се очекуваат околу 119 илјади вакцини.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Следете нè на Facebook!


This will close in 30 seconds

Show Buttons
Hide Buttons