Во шопинг центрите ќе нема пробување гардероба – објавени протоколите

Забрането пробување на облека. Ако не сте задоволни, ќе ја вратите веднаш по пробувањето дома. Редари пред секоја продавница, а лицата над 65 години ќе можат да бидат присутни само до 12 часот.

Вака ќе изгледа работата во моловите, согласно со планот за намалување на рестриктивните мерки. Според владините протоколи, носењето на заштитни маски и натаму останува задолжителна мерка за вработените и за купувачите.

Од 10 до 18 часот, но не и во недела, во ова работно време тие ќе мораат да внимаваат на физичкото растојание. Ќе биде регулиран и бројот на купувачи, согласно со квадратурата на продавницата.

Покрај моловите, на работа се враќаат и автошколите. Протоколот предвидува дезинфекција на внатрешноста на возилата, задолжителни маски, а максимум три лица ќе смеат да бидат присутни во возилото при спроведување на полагањата.

Првата фаза во олабавување на рестриктивните мерки предвидува и повторно организирање на обуки, курсеви и семинари. Тие ќе траат најмногу шест часа, со ограничен број на учесници. И тука маските ќе бидат задолжителни за предавачите и учесниците, кои за време на паузите нема да смеат да се групираат.

Сличен протокол и мерки важат и за седниците на управувачките органи. Максимум до 30 лица ќе можат да бидат дел од ваквите собирања, со редовна дезинфекција и физичко растојание.

Посебен протокол е предвиден за индивидуалните спортови. Еден спортист ќе може да тренира само со еден тренер, а препорачано е меѓу нив да има растојание од најмалку пет метри за време на тренингот, кој ќе мора да биде на отворен простор.

Двајцата ќе мора одвоено да пристигнат и да си одат, без туширање и користење на соблекувалните по тренингот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Следете нè на Facebook!


This will close in 30 seconds

Show Buttons
Hide Buttons