Власт контра народ, или обратно?

Просто човек да „ужива“ во снимкине од протестите против короната во Берлин. Убаво е сознанието дека не сме само ние единствени будали во светов кои не го признаваат вирусот, нели?! Ама протестите во Берлин асоцираат и на друго: на слободно изразена волја, или став, или гнев… на народот. Што пак уште повеќе асоцира на некои наши шушупатки кои ни морализираат и ни држат лекции за соседот, поведени од обврската на премиерот да се изразува така какошто се изразува.

И тој мора да каже дека огромно мнозинство од бугарскиот народ не го поддржува ветото на власта кај источниот сосед контра Македонија. Мора – зашто е на тоа место и тоа му е работа! Ама ова лекцииве од другиве папагали што стасуваат од сите страни, од повикани и неповикани индивидуи, сите некакви бивши кои, ете, се почувствувале компетентни да ни објаснат што е што и кој е кој во „спорот“ со источниот ни сосед. Те не пцујте по Европската унија, те не се лутете на бугарскиот народ, те бидете оптимисти и трпеливи… Како ние да сме сите малоумни, а они испратени од горниот да ни ги толкуваат работите. Само не ни кажуваат дали воопшто имаме право на некого да се лутиме, а? Па и да истуриме некоја пцовка?! И кој и кога спомнал бугарски народ, поѓаволите? Па и да спомнал – што? Па токму во последната негова изјава Борисов се повикува на тој народ!

Ама, за волја на вистината, не мислеше ли бугарското раководство каков пекол отвора со нивните будалаштини и фрустрации, не само денес и утре туку и за години напред? И дека во тој пекол го втурнуваат и сопствениот народ? Што е тоа „народ“ и кој што подразбира под тој поим е една работа но, од друга страна, тој имагинарен „народ“ нема ли глас (како оној во Берлин), не гледа ли што му се случува односно што неговото раководство му приредува на народот на соседната држава? Или тоа тој народ не го интересира? Ама нас треба да не’ интересира неговиот мир и спокојство и не треба многу да ги тревожиме со нашите реакции?

Се разбира дека на крај памет не ми паѓа да обвинувам некој народ за потезите/политиката на неговото раководство, најмалку пак бугарскиот народ. Впрочем, веќе свикнавме на такви ситуации и со јужниот сосед, па никој кај нас не рече дека го обвинува грчкиот народ. Напротив, само ковидов можеше да ги сопре нашите инвазии на нивните плажи!  Ама, повторно, има ли тој некој народ, кој и да е’, право на глас, на протест, на гнев (како оној народ во Берлин)… и на прашања до своето раководство? Има ли тој  некој народ, па и бугарскиот, свест и совест за тоа што неговото раководство му го прави на народот на една соседна држава? Јас сакам да го видам гласот на цела една плејада бугарски интелектуалци како вистински глас на тој народ. (Таков силен и трезвен глас немаше дури ни кај нас, за жал. Ама сега има, во одбрана на бугарскиот народ!??). Ама, ќе дозволите, тоа сепак не е исто. И некој со право може да ми приговори дека тоа и такво поистоветување е само моја желба којашто нема баш многу допири со реалноста. Впрочем, и ние до неодамна, до пред 3-4 години имавме таква реалност. Траеше цели единаесет години! Не ги чув овие душегрижници за „бугарскиот народ“ да пуштат глас во одбрана на својот народ, но и во одбрана на грчкиот народ, на пример, кога оној криминалецон им ја крадеше историјата и ни ја претставуваше како наша. Ене ја, уште стои распослана низ Скопјево. Како тогаш овие наши шушупатки не кренаа глас против таквите македонски „политики“, или дури ги сметаа за добри?

Се разбира дека е крајно неодговорно и нехумано да се изедначуваат државните политики со „волјата“ на народот. Но, од друга страна, забораваат ли овие душегрижници за бугарскиот и кој и да е’ друг народ на флоскулите на власта дека таа – не само бугарската туку која и да е’ друга, па и нашата, мината и сегашна – најчесто во своите политики се повикува токму на тој „народ“. Дека ја застапува волјата на својот народ, дека има поддршка од тој „народ“ за сите свои будалаштини. Тогаш – зошто да не викаме (и) по народот? Извинете, мене никој не може да ме изедначи со оној „народ“ кој молчеше пред убиствените за државата (и „народот“) политики на криминалецон од Будимпешта, ама што станува со оној огромен друг дел од тој „народ“? Ако молчењето не е согласување – што е’ (вклучувајќи и некои од овие денешни душегрижници за бугарскиот народ)? Или тие повторно си бараат алиби за молчењето долго единаесет години?

Или, ако баш сакате, каде, во кој „народ“ ќе ги сместиме реакциите на историчарите од регионов – значи не само бугарските или македонските –  против злоупотребата на историјата во процесот на евроинтеграција на Северна Македонија? И во нивната реакција стојат потписите на едно чудо угледни историчари од Србија, Босна, Хрватска, Словенија, Црна Гора. Сега, што се тие? Народ? Каков и чиј народ? Бугарски народ не се, секако, ама бугарски народ сепак не се ни оние инаку бројни бугарски интелектуалци кои го критикуваа(т) бугарското раководство за погрешните политики кон Македонија. Ама народот, оној народ којшто навистина сите го подразбираме како моќна сила на една држава, оној народ којшто, патем, ја донесе и оваа гарнитура на власт токму на неопходниот начин, е па таков бугарски народ – не видовме/не гледаме. Ако тој народ не се согласува со политиката на неговата власт, нема ли начин тоа да го (ис)каже? Следствено, кого тоа сега бранат нашиве „хуманисти“!? Не дека некој навистина го напаѓа или не дај боже пцуе бугарскиот народ, или пак овие као делуваат „превентивно“? Ма дајте ве молам, секоја и секаква пришипетља порасна да ни држи предавања и згора ние треба да ги слушаме!? И ќе ја праша ли некој од „умниве“ и г-ѓата Штајнакер на што мисли кога прашува „кој ќе го сопре бугарскиот мобинг врз Северна Македонија“? Ниту некој мислел на народ, уште помалку спомнал народ – барем не во онаа смисла којашто овие сега ја злоупотребуваат за нивни дневни цели – како виновен за целата ситуација. Ама, повторно, сакаат да тврдат дека токму тој народ (разбран во секоја смисла) за којшто толку се грижат, не треба да покаже што и како мисли за целава ситуација?

Згора на се’ – на политика, на „народ“, на држави, па и на таа ЕУ…, еве за компетентен повторно се јавува (и) оној со „заедничката историја“, повторно објаснувајќи ни ги неговите „ставови“. И дека „историските недоразбирања“ ќе сме ги разрешеле со – текстови!? Па има ли крај , ве молам, имаат ли усул овие персони свикнати на такво незаслужено внимание што сега едноставно не можат да живеат без него? А ние треба да ги поддржуваме нивните хирови и небулозни ставови?

Златко Теодосиевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Следете нè на Facebook!


This will close in 30 seconds

Show Buttons
Hide Buttons