Власта е болест

Народот може да остане без леб, ама без власт не. Власта е болест на народното тело. Таа е краста. Кога една ќе падне, доаѓа друга…

„…Рамиз често држеше говори во џамијата. Зборуваше како во животот има три големи страсти: коцка, алкохол и власт. Од првите две луѓето можат да се извлечат, но од третата никако…“.

Поради власт се убива, поради власт се гине, поради власт се губи човечкиот лик… Власта е неодолива, како волшебен камен, затоа што со себе носи моќ. Таа е како духот од Аладиновата ламба, која и служи на секоја будала која ја држи. Нема чесна и мудра власт, бидејќи желбата за моќ е безгранична…

Човекот на власт го поттикнуваат кукавици, го бодрат подлизурковци, го поддржуваат арамии и неговата претстава за себе е секогаш поубава од вистинската… Сите луѓе ги смета за глупави, а за себе мисли дека е сезнаен…

Никој што е на власт не е паметен, затоа што и паметните, штом дојдат на власт, набргу го губат разумот…

Народот може да остане без леб, ама без власт не. Власта е болест на народното тело. Таа е краста. Кога една ќе падне, доаѓа друга…

Не убедуваат дека народот не можел без власт, бидејќи ќе се намножеле разбојниците, ќе не нападнеле непријателите, ќе се направело неред…

А, кој ја држи оваа земја, кој ја храни, кој ја брани? – Народот. А, тие нас не глобат, не казнуваат, не затвораат, не убиваат…

Тие без нас не можат, а ние без нив мораме. Тие се малку, ние сме многу. Само со прст да мрднеме, тие гадови ќе ги снема…“ – Вака зборуваше неповторливиот Мехмед Меша Селимовиќ (1910- 1982) во своето ремек-дело,  романот „Тврдина“ (1970).

И! И што и?

После овие зборови, запишани пред повеќе од педесет години, а, гледајќи ја реалноста во својата напатена Татковина, што може човек да каже? – Ништо. Да молчи, да ја симне капата, да клекне на колена, да се поклони пред бесмртниот дух на ГОЛЕМИОТ Меша и да се надева дека ќе дојде ден кога, ако не премиерите и министрите, барем некој од нивните советници ќе има прочитано и разбрано по нешто од илјадниците книги како оваа од Меша Селимовиќ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Следете нè на Facebook!


This will close in 30 seconds

Show Buttons
Hide Buttons