(Видео) Вучиќ со порака до австралиските власти: Зошто се изживувате врз Ѓоковиќ и врз цела нација?

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ги искористи социјалните мрежи за да ја прокоментира ситуацијата околу Новак Ѓоковиќ и неговиот настап на Австралија опен.

Вучиќ, во видеопорака објавена на „Инстаграм“ се осврна на изјавата на премиерот на Австралија, Скот Морисон, кој истакна дека ја поддржува одлуката за укинување на визата за српскиот тенисер.

„Се соочуваме со многу проблеми и притисоци, но она што нам како народ никогаш не успеале да ни го одземат е срцето, гордоста и достоинството. Ова го велам поради она што последните денови се случува во Мелбурн, но не поради добивање политички поени. Нападите и притисоците врз Новак Ѓоковиќ, државјанин на нашата земја, од непознати причини достигнаа такви размери што е невозможно, за мене, да не кажам што мислам и каков е нашиот одговор за Австралија. Не би рекол ниту збор, доколку по новата одлука на извршните органи на австралиските власти да му ја одбијат визата на Новак Ѓоковиќ, не се огласи нивниот премиер, поздравувајќи ја таквата одлука. Зачуден сум од фактот што такви одлуки можат да носат органи на извршната власт, а по одлуката на судските органи. Често ни држат предавања за владеење на правото, можете да замислите кога некој министер во Србија би можел да ги поништи одлуките на судиите? Со ова ни покажаа како изгледа небитно правосудство бидејќи целата власт е во рацете на извршните органи“, рече Вучиќ.

Претседателот на Србија запраша зошто воопшто на Новак уште пред заминувањето на турнирот не му било кажано дека не може да добие виза, односно зошто веднаш не бил одбиен.

„Зошто го малтретирате и зошто се изживувате не само над него и неговото семејство, туку врз цела една нација, слободна и горда. Дали е потребно да се победи на избори? Дали е потребно да се задоволи јавноста? Ете, овде се појави претседател на една мала држава, кој смее да му го каже тоа на премиер на голема држава, а можам да го кажам тоа затоа што ја зборувам вистината и затоа што знаете дека е така“.

Вучиќ на крајот упати зборови за поддршка до најдобриот тенисер во светот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Следете нè на Facebook!


This will close in 30 seconds

Show Buttons
Hide Buttons