Ванчо Мицевски: Затворете ги сите амбасади, фудбалерите се наши амбасадори!

Сонот на генерациите се оствари и Македонија по скоро три децении се избори за учество на завршен турнир во сениорска конкуренција. Оваа магична селекција, предводена од Ангеловски, се споредува само со онаа првата која го покажа патот и без респект се натпреваруваше со поквалитетните од себе, иако е дебитант.

Во таа прва генерација играа врвни напаѓачи како Панчев, Ѓуровски, Бошковски, Мицевски. Токму Ванчо Мицевски е еден од најдобрите стрелци во ПМФЛ и по просекот на одиграни натпревари и постигнати голови се наоѓа на самиот врв на стрелци во нашата историја.

Мицевски признава дека со многу емоции ги прославил успесите на оваа генерација, кои предизвикаа национална гордост и кај оние кои го следат спортот и кај сите останати кои не се пасионирани фанови. 

„Предлагам слободно да се затворат сите наши амбасади во светот. Нема поголеми амбасадори од спортистите. Кошаркарите, ракометарите, фудбалерите се наши амбасадори. Секако дека тука се и Шабан Трстена, Русевски, Богоевски, Вангеловска…

Македонија сака спорт. Гледате колку малку му треба на овој народ да влезе во национален занес и да се радува, заборавајќи ги секојдневните проблеми. Фудбалската репрезентација треба да биде пример за сите како се сака сопствената држава. А најмногу треба да им покаже на политичарите, кои за жал се поголеми ѕвезди од фудбалерите“, вели некогашниот фудбалер на Пелистер, Силекс белгиски Мехелен и германски Унион Берлин.

uefa-ep-fudbal-kvalifikacii-makedonija-kosovo-08102020-5977.jpg

Нема дилеми дека оваа селекција е создавана со проект и идеја, а заслугите почнуваат да се делат од предводникот Игор Ангеловски. 

„Идеен творец на оваа репрезентација е Игор Ангеловски, па преку капитенот Пандев и сите момци кои помогнаа да се оствари нашиот сон. Почнавме во 1993 година во Крањ, па сега сме на Европско првенство. Со Господ напред зошто да не се избориме и за Светско првенство. И покрај тоа што самиот пласман е голема работа, мислам дека и таму ќе изненадиме“, вели Мицевски.

Некогашниот репрезентативен напаѓач потоа се осврна на клупскиот фудбал и проблемите со кои се соочуваат нашите клубови.

„Имаме солиден репрезентативен и катастрофален клупски фудбал. Шкендија и Вардар пред 4-5 години беа блиску до европскиот фудбал,  но наместо другите клубови да ги следат, и тие се вратија чекор назад.  Очекувам да се спроведе законот за спорт, да се професионализмот и квалитетот и да има неизвесност на натпреварите. Верувајте, пионерските и младинските лиги денес се поинтересни од сениорските.“, заврши некогашниот расен стрелец. 

Нацијата едвај чека да минат овие нешто повеќе од два месеци до почетокот на Европското првенство, а дотогаш ќе собираат сликички од учесниците на шампионатот, а за првпат меѓу нив ќе ги има и македонските ѕвезди. 

gol.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Следете нè на Facebook!


This will close in 30 seconds

Show Buttons
Hide Buttons