Бислимоски: Ќе му ја одземеме лиценцата на БЕГ во моментот кога ќе престане да испорачува

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски вели дека во моментот кога компанијата Балкан енерџи груп (БЕГ) ќе престане да испорачува топлинска енергија, таа ќе остане без лиценца, а одговорноста за снабдување со топлинска енергија ќе ја преземе Владата, откако претходно денеска БЕГ соопшти дека има пари за набавка на гас до крајот на утрешниот ден.

Околу предлогот на БЕГ Владата времено да го преземе управувањето со компанијата почнувајќи од утре, па сè до завршување на кризната состојба во оваа грејна сезона, Бислимоски вели дека не може друг да ѝ ги решава проблемите на компанијата, за потоа во мај да се вратат „како принцови на бели коњи“.

„Предлогот што го понуди БЕГ за Регулаторната комисија е неприфатлив, имајќи предвид дека сите опции што ги понудија и Регулаторната комисија и Владата, БЕГ и ТЕ-ТО ги одбија. Се разбира дека одговорноста за снабдување со топлинска енергија ќе си ја преземе Владата кога веќе БЕГ кажува дека тоа нема да може да го прави од сабота, но затоа Регулаторната комисија ќе им ја одземе лиценцата за работа. Дополнително, нека не очекуваат некој друг да им го реши проблемот, за тие во мај да се вратат како принцови на бели коњи. Сè што треба да преземе државата за да си ги заштити граѓаните, ќе преземе“, вели Бислимоски во изјава за СДК.мк.

Неофицијално, според СДК.мк, БЕГ не доставила гаранција зашто ниту една банка не сака да им даде гаранција, затоа што фирмата е основана со влог од 5.000 евра, а сопствениците не сакаат да вложат пари.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Следете нè на Facebook!


This will close in 30 seconds

Show Buttons
Hide Buttons